03/05/2023
НАЈНОВО
Никола ГРУЕВСКИ
ДОБРО Е ДА СЕ ЗНАЕ!
ПРЕДГОВОР
Оваа книга е збир на текстови и записи од полето на историјата и празниците (празниците во значаен дел се поврзани со историјата) кои беа објавени на социјалните мрежи од 2017 година, па до април 2023 година.
Идејата на издавачот за преточување на овие текстови во книга ја прифатив, иако кога ги пишував текстовите не ми беше во план дека еден ден тие ќе прераснат во книга. За најголем дел од тие текстови јавноста веќе покажа голем интерес кога беа објавени и, секако, се надевам дека на многумина, особено на помладите, ќе им помогнат да се запознаат и да знаат за повеќе значајни моменти од историјата.
Не случајно во насловот на книгата стои дека станува збор за есеи. Всушност, на сите приложени текстови заедничка им е кратката форма, различните теми забележани како лични рефлексии и цитати. Книгата и текстовите не претендираат да бидат научен текст во областа на историјата, туку се записи на интересни историски теми, историски личности и историски настани за кои сметам дека добро е да се знаат, па затоа и ги споделив. Мојата професија не е историчар, туку проучувањето на историјата, можам да кажам, дека ми е еден вид хоби. Со мали исклучоци, текстовите не се засноваат на многу новооткриени архивски документи со кои научно се докажува некој нов момент на некој историски лик или настан.
Есејот е само едно кратко парче за дел од некоја тема и не е возможно за сите нешта да се даде целосна претстава. Затоа, и на тоа што го имам овде запишано, би сакал да се гледа само како на мој обид да го искажам својот личен став и тоа го правам со свој стил на излагање и заклучување, обично за теми и проблеми за кои во општеството нема јасен став или ставовите се многубројни, а најчесто се различни и неретко поларизирани. Но, како што запишав погоре, станува збор за претежно историски теми кои лично ме интересираат, а се надевам и многумина други.
Овие текстови се засноваат на голем број прочитани историски
книги, записи или текстови од различни извори. Користени се многу цитати на познати историчари или сведоштва на современици и спомени на учесниците. Притоа, се надевам дека моето искуство стекнато во политиката ми помогна подобро да разберам определени историски настани и постапки на одредени историски личности, како што тие историски настани и ликови ми помогнаа подобро да ја разберам политиката и предвидувањата на одредени политички случувања.
Но, освен тоа искуство, за мене клучно беше сознанието дека кога ќе се проучува одреден историски настан или лик, за правилно да се разбере мора да се проникне длабоко во времето, атмосферата, условите, стравовите на луѓето на просторот кој се проучува, мечтите, надежите и сите други предизвици и чувства кај народот во времето кога се одвивал некој настан, пред и по него, и времето во кое живееле и биле активни историските ликови кои се проучуваат, па сѐ до ниво добро да се проучи историјата на секојдневниот живот од тоа време.
Притоа, важно е и да се прочитаат повеќе, дури и спротивставени, извори, за да се проникне до вистината и да не се проучува со емоции карактеристични на некој кој зазел страна, бидејќи и нашите омилени историски ликови и херои, пред сѐ биле луѓе, со сите нивни слабости, грешки, карактерни особини, страсти и емоции.
Она што им се допадна на многу луѓе кои ги следеа и коментираа моите текстови на социјалните мрежи, беше и начинот на кој сето тоа е интерпретирано и објаснето, и особено тоа што на поголемиот дел од текстовите за одредени историски периоди и настани, им дадов своја политичка анализа. Освен што ми беше задоволство да пишувам и да споделувам вакви текстови и записи, чувствував дека афирмацијата на македонската историја ми е и еден вид обврска, имајќи предвид низ каков период на силни надворешни притисоци за промена на историјата и идентитетот поминува Македонија, и имајќи предвид дека заради обавувањето на високи јавни функции во минатото, многумина кои можеби не би посветиле време на читање историја, сепак ќе го направат тоа преку овие текстови, што и се потврди за точна претпоставка гледајќи го интересот за читање и коментарите на читателите на овие текстови на социјалните мрежи.
Со насловот на книгата „Добро е да се знае“, настојував, особено во ова време на сериозно негирање на македонскиот идентитет, име, јазик, националност и историја, да ги мотивирам, особено оние кои поретко се навраќаат кон тие теми од нашата национална историја, тоа да го прават почесто и да се навраќаат на сопствената национална историја.
Книгата и текстовите во неа се само еден вид информативно четиво, историски есеи прикажани преку мојата призма на гледање и толкување на случувањата, со многу цитати од многу книги и стучни текстови, некои од нив напишани од врвни историчари, а некои според спомените на историски ликови кон кои се осврнувам.
Секако дека оваа збирка на текстови од различни периоди не треба да се сфати дека тоа е сѐ што е добро да се знае. Тоа е, според мене, само дел од она што е добро и полезно да се знае. Има уште многу што е добро да се знае!
Историјата, меѓу другото, е и политика во минатото. Оние што добро, длабоко и суштински познаваат историја имаат предност да ја разберат и правилно да ја толкуваат денешната политика, наспроти оние кои не ја познаваат историјата. Уште повеќе, оние кои добро ја познаваат историјата, имаат и друга предност: со поголема веројатност на точност можат да ги предвидат крупните политички настани кои ќе следат и, во таа смисла, навремено да донесат определени и паметни одлуки за заедницата.
Затоа и ден-денес често велиме дека „историјата се повторува“ и „историјата е учителка на животот“!
На пример, ако настаните поврзани со прогонот, судењето и распнувањето на крст на Исус Христос се погледнат низ призма на историски, а не само од духовен аспект, со подлабоко проникнување во тој историски момент, гледате дека оттаму може да се научат лекции кои и потоа, и пред тоа, и денес и во иднина се повторуваат: предавства и каење, страв да не се загуби моќта од некој кого народот го сака, страв од преземање на власта, интриги на луѓето околу владетелот, заблудување и манипулација на толпата (на пример во клучен момент заведената толпа – народот, посакува распнување на Исус), лажно обвинение, политички прогон, страв од преземање на власта и што ли уште не. Нешта што се повторуваат подоцна низ историјата уште безброј пати, само со други ликови, во други земји и времиња, и под различни околности, но суштината е иста − и тоа е историја, која не само што се повторувала, туку пак ќе се повторува во иднина.
Текстовите поврзани со раното христијанство се значајни од аспект што многу од нив се претставени низ една историска призма, како историски случувања, какви и што биле, а во некои текстови поврзани со Христос од Назарет и со целата политичка димензија на неговиот прогон и распнување.
Важно е, и затоа историските лекции се корисни, злите и неспособни луѓе во политиката, манипулантите и измамите да се пре- познаат денес, а полесно ќа полесно ќе се препознаат ако се проучат таквите од минатото. Многу е полесно. И не само да се препознаат, туку да се предвидат нивните чекори.
Независно дали читате историја од древниот Египет, антиката, раното христијанство, Римското Царство, Византија, Османлиската Империја или подоцна, или пак историјата на Македонија, Велика Британија, Франција, Русија, Америка, Кина или која било друга држава, секаде се повторуваат карактерите и моралните вредности на луѓето кои ја креираат политиката, која по некое време станува историја.
Тоа е една димензија на историјата, значајна од аспект на денешнината и иднината.
Втора значајна димензија е македонската национална историја во време кога се оспоруваат идентитетот и историјата на Македонците.
Додека ја извршував функцијата претседател на владата, често ми се случуваше кога ќе се вратам дома, колку и да беше тоа доцна или во раните утрински часови, случајно или со намера, да извадам некоја книга од македонската историја и да прочитам некое интересно парче од истата.
Една вечер, се сеќавам, читав некои австриски документи за Македонија од периодот околу Илинденското востание. Тоа се оние архивски документи и, главно, писма кои конзулите ги испраќале до нивните претпоставени. Тие раскажуваат за средби со локални авторитети или други дипломати, настани од теренот, активности на револуционерите, разноразни информации, состојбата на населението, проблемите и слично. Откако исчитав 15-20 такви писма кои се пренесени во оригинал, нешто што ми беше најитересно да го читам, по којзнае кој пат сфатив дека не само што македонското прашање не е затворено, туку читајќи ги нивните прераскажани средби имав впечаток како да не се опишани дијалози и прераскажани разговори од пред 110 години, туку како да се од сега, од денес.
На пример, да одберев неколку од нив и да ги објавев на некоја социјална мрежа, и да ги претставев како некој материјал од последните неколку години, ќе звучеше прилично веродостојно, како да се разговори од денешнината. Разговори за идентитетски прашања на народот, влијание на странски сили, локални соработници на дипломатите, пропагандите, интересите итн., итн. На тој начин секој може да разбере и да се увери дека тој проблем, кој од независноста во 1991 година до денес е една од клучните теми во општеството, не е ни од вчера, ни од пред некоја година, дека тоа е стара битка, стара борба, која трае, која има падови и воздигнувања, успеси и неуспеси, но непрекинато трае на еден или друг начин, со едни или други политички актери и земји аспиранти кон Македонија, кои во даден момент се и владетели.
Трета значајна димензија е што читајќи гледаш како некои други земји или личности се обидуваат со лаги и манипулации, пропаганда и, пред сѐ, од позиција на сила, моментална моќ и подобра моментална позиционираност, да го добијат она кое со години или повеќе од еден век не успеале да го добијат и покрај многу напори, вложени пари, уништени животи итн.
Читаш и како многу луѓе ги жртвувале своите животи, семејства и иднина за да не им го дозволат тоа, а од друга страна гледаш околу себе куп кандидати за онаа друга група луѓе кои и тогаш ги имало, и тоа не малку, кои гледаат по секоја цена да се доберат до некаква власт или моќ, спремни се и секого да продадат и предадат, и кои политиката и власта ја гледаат исклучиво низ своја лична призма и личен интерес, а не национален.
Читаш текстови на пример за периодот меѓу двете светски војни, или текстови од 1943 година како оние на пример во архи- вите на Германија каде стојат извештаи од теренот во Македонија, во кои јасно стои дека мнозинството од населението не се чувствуваат ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, туку како посебни од нив и се нарекуваат Македонци, и покрај огромната пропаганда и малтретирање на населението од страна на власта. Да, имало и Бугари, и Срби и Грци и Албанци и други, но, еден прилично независен извор кој немал никаков интерес да информира невистинито, ја кажува реалната ситуација на теренот. Од друга страна, некој ти доаѓа и бара од тебе да потпишеш дека по националност сите се чувствувале како што нему му одговара. Не е така! Потоа одиш наназад во времето и сфаќаш дека имало периоди кога многу луѓе својот идентитет не го поврзувале со припадност на нација, туку на црква, а денес некој тоа ти го вади како крунски доказ на маса и ти го претставува во поинаква димензија и толкување.
Во ред, јас разбирам дека во политиката аргументите на силата може да се посилни од аргументите на разумот и на вистината, но што и да се прави, треба да се знае што е вистината. Оттука и насловот на книгата „Добро е да се знае“!
Четврта значајна димензија е славењето на хероите и херојските настани. Речиси нема земја без сопствени херои. Нивното славење и афирмирање не е само чин на оддолжување кон нив, нивната жртва и херојство, туку и чин на создавање култ кон хероите, бидејќи СЛАВЕЊЕТО НА ХЕРОИТЕ СОЗДАВА НОВИ ХЕРОИ. Секоја земја има свои големи кризи поврзани со опстанокот. Тогаш хероите се многу важни. Ако не се слават поранешните херои, а преку пишувањето за нив се врши и нивна афирмација, тогаш нови херои нема ни да има, а еден ден нема да ја има ни државата.
Херои не секогаш мора да бидат националните херои, револуционери, борци, војсководци и слично. Не се само тие херои од кои треба да се водат и инспирираат идните генерации за да се има здраво општество со правилни морални вредности. Херој од нашите простори е и Мајка Тереза на пример, која целиот свој живот го посветила помагајќи на најсиромашните меѓу сиромашните, на болните од кои сите бегаат и дури оние заразни болни кои понекогаш во време на големи епидемии дури и нивните најблиски бегаат од нив. За сметка на тоа, таа се откажала да има свое семејство и пород. Го посетив сиропиталиштето во Калкута каде таа работела, а и местата каде се помага на болни и каде денес сестрите од нејзиниот ред го продолжуваат нејзиното дело. Тоа е импресивно херојство. Херои се и погубените Евреи, бидејќи заборавот на нивната жртва и трагична судбина, лесно може да донесе нови такви злосторства некогаш во иднина. Херои се и оние кои, можеби не со пиштол, но со перо во рака го кревале моралот и го инспирирале населението, и сѐ уште го прават тоа, ги креирале националната свест и стратегија преку пишан збор или песна.
Херои од кои треба да учат и да ги следат идните генерации во многу земји се врвни научници, инженери, лекари, иноватори, дипломати, дарители, врвни спортисти итн., кои со својот труд, талент, активност и успешност на европско или светско ниво, инспирирале цели генерации. Хероите се добриот пример за секој човек, особено за младите.
Петта важна димензија на проучувањето на историјата е проучувањето на неуспесите и успесите. Зошто и под кои околности една земја, нација или група постигнала голем успех или подем, но и анализа во обратен правец, анализа на неуспехот.
Сето тоа се лекции!
Понекогаш историјата објаснува некои денешни случувања кои, на прв поглед, звучат нелогично и необјасниво, или барем го наоѓанивниот корен. На пример, некаде во 2009-та или 2010-та година, потрошив многу време на групни средби за да се смират духовите во селото Лажец, Битолско. Таму некаде во 2005 година веќе имаше еден голем безбедносен проблем каде интервенираа специјалните сили на полицијата да ја смират состојбата. Јас тогаш ја предводев најголемата опозициска партија и будно ги следев настаните.
Причината беше што муслиманите од селото сакаа да изградат џамија на сретсело, а христијаните жестоко се спротивставуваа на тоа и бараа ако нивните соселани муслимани сакаат да изградат џамија, истата да биде надвор од селото, како што е црквата. Во неколку наврати имав средби со часови со претставниците на двете страни од селото и покрај нив и со сите значајни политички и верски лидери од тој регион, вклучувајќи ги градоначалникот, владиката, муфтијата и повеќе други. Никако не можев да разберам, ниту пак христијаните знаеја да ги објаснат на прифатлив и разбирлив начин аргументите зошто муслиманите, кои таму веќе си купиле земја и кои веќе беа мнозинство во селото, кога ги добиле сите доз- воли за градба, не може да изградат џамија кога веќе на крајот на селото, кај гробиштата има црква? Претставниците на муслиманите дури понудија и дел од купеното земјиште бесплатно да го отстапат на христијаните од селото, па тие до џамијата да изградат црква на сретсело, но и тоа не беше прифатливо.
Правев напори да превенирам нов судир помеѓу нив и да се најде некое решение.
На една од долгите и напорни средби на паузата ги викнав претставниците на христијаните Македонци да чујам можеби нешто што не сакаат да го кажат пред сите. Но, освен дека немаат мандат да прифатат каков било компромис и дека ќе бидат предмет на линч во селото доколку прифатат, друго немаше. Понудив ако треба да се потрудиме да се обезбедат финансии кои ќе помогнат во изградба на црквата веднаш до џамијата, ако се пари во прашање, оти парите не се поважни од загубени човечки животи, но ни тоа не помина, без некое логичко образложение.
Некако со многу напори барем привремено се смирија страстите меѓу двете страни, но не се сеќавам дали се најде решение.
Неколку години подоцна, една вечер, по враќање дома од владата, пред да си легнам ги отворив и почнав да читам од британските архивски документи за Македонија за 19 век. Повторно извештаи на конзули. Дојдов до писмо на британскиот конзул во Битола од 24 декември 1866 година, преку амбасадата испратено до британскиот државен секретар за надворешни работи Лорд Стенли, кое почнуваше вака: „Мој Лорду, имам чест да го известам Вашето лордство дека тука се појави болно чувство меѓу христијанското население како последица од уништувањето на црквата во селото Лажец, што се наоѓа на два часа оддалеченост од Битола, за која се верува дека била запалена од муслиманите...“ Да скратам: истиот проблем во истото село, само во обратна насока. Тогаш муслиманите кои тогаш биле малцинство го правеле речиси истото: на христијаните кои добиле дозвола од турските власти да изградат црква кај гробиштата на излез на селото, иако барале тоа да е на сретсело во кое биле мнозинство, околу 70 на 30 фамилии. Собрале пари, но на двапати или рушеле ѕид на недоизградената црква или веќе изградена ја запалиле во ноќта лица за кои христијаните биле убедени дека се сограѓаните муслимани кои жестоко се противеле да се изгради црква.
Ситуацијата ескалирала до степен во двата наврати да има интервенции на властите, па валијата за да го смири разгневеното христијанско население морал и привремено да уапси неколкумина муслимани за да покаже акивност пред христијаните и да го смири нивниот оправдан гнев, но и да извлече информација за сторителите. На крајот црквата се обновувала и останала до денешно време, но надвор од селото а не на сретсело. Веројатно во тие околу 150 години настаните се подзаборавиле, но гневот останал да се пренесува од генерација на генерација и во денешно време, речиси по 150 години се појави на масата на најмалку два премиери како безбедносен проблем и опасност од меѓуетничка и меѓуверска крвава пресметка.
Она што го прочитав можеби не помага да се реши денешниот проблем, но помага да се разбере од каде потекнува истиот, кои се корените на проблемот, па да се гради некоја стратегија за решение кое ќе овозможи траен мир и соживот во тоа место. Можеби некој ќе каже дека тоа е само едно село со мал број жители и е неважно, но многу проблеми низ историјата почнале од некоја микро средина па прераснале во поголеми судири.
Затоа, мислам дека историјата потсетува и на корените на многу проблеми. Можеби како во последниот пример деталите за настаните од историјата пред 150 години се заборавиле во една микро средина, но останал гневот, пренесуван од генерации на генерации. А секогаш кога се знае коренот на проблемот, полесно е да се најде решение. Ова можам да го вбројам како шеста, значајна димензија од потребата за познавање на историјата, наспроти денешнината и иднината. Има и други значајни димензии, и несомнено е дека како за политичарите, така и за секој граѓанин, добро е да се знае што се случувало пред него и каква рефлексија има тоа денес.
Уживајте во читање на овие текстови.
* * *
ПОСВЕТА
На мојата баба Благородна Мијалкова, која така сликовито ми раскажуваше делови од Библијата и Исусовиот пат и учење додека ме чуваше како дете, што тоа засекогаш остана длабоко врежано во мене, како и желбата секогаш да прочитам нешто повеќе за тоа, или да се навратам на истото секогаш анализирајќи го од различен агол и перспектива.
На мојот вујко Јордан Мијалков, кој во детали ја познаваше и раскажуваше историјата на Македонија, и уште од најмлади години ми ги пренесе желбата и поривот да ја проучам истата.